ПОСЛЕДНА ПОЧЕСТ ЗА СЕКРЕТАРОТ НА ОПШТИНА КАРПОШ

Со израз на сочувство до присутното семејство, Градоначалникот Стевчо Јакимовски, советниците и претставниците од општинската администрација, се обрати претседателот на Советот на Карпош Сашо Лазаревски, кој рече дека сите сме сведоци дека секретарот Поповски беше навистина врвен професионалец, човек кој имаше огромно знаење од функционирањето на локалната власт, на Советот, од правото и неговите знаења и совети беа од скапоцено значење. Тоа што речиси цела година Советот на Општина Карпош функционира без поголеми проблеми и тешкотии, на кој се носат клучни и суштествени одлуки за нашите сограѓани, начинот на кои се изготвуваат и носат, нивната правна заснованост и законска издржаност, во најголема мерка му ја должиме токму на секретарот Поповски, рече претседателот на Советот на Општина Карпош. За човечките и професионални вредности на секретарот Поповски и неговиот политички пат говореа Градоначалникот Стевчо Јакимовски и советникот од ГРОМ Зоран Поповски. Тој беше кроток, ненаметлив, скромен и доблесен, изјави во својот говор Градоначалникот Јакимовски. Беше силно остроумен и неговото мислење, неговиот став секогаш беа оние најисправните. Тој беше еден од носечките столбови на Општина Карпош, со неговиот труд Карпош го стекна сертификатот ИСО 9001, беше беспрекорен учител на општинската администрација и за административното работење и нечесто, од другите општини во градот не молеа да го позајмиме за помош при усогласување на процедурите на работа и обучување на нивните тимови. Тој беше девет години Секретар на Град Скопје и министер без ресор во Владата на РМ, во периодот 2002-2006година, но на секоја втора седница на владата на РМ Владо имаше некоја своја точка, рече Јакимовски кој нагласи дека Секретарот беше воркохолик кој до последниот здив го даваше својот придонес за Општината. Неговиот политички пат, како што истакна советникот од ГРОМ Зоран Поповски почнува од далечната 1979 година како секретар на младината РК на ССММ, за да оди по нагорна линија до денес, давајќи огромен придонес во демократските процеси на земјата. На крајот со 19 гласа „за“ советниците на Карпош ја изгласаа Одлуката за определување на финансиски средства за погребни трошоци и се потпишаа во книгата на жалоста.

ПОСЛЕДНА ПОЧЕСТ ЗА СЕКРЕТАРОТ НА ОПШТИНА КАРПОШ (23. јули 2014)