ЗНАЧАЈНА Е ПОДДРШКАТА КОЈА КАРПОШ ЈА ДОБИВА ОД СВЕТСКА БАНКА

 Изградбата на целосно новата градинка во Бардовци, „Виножито“ беше проект финансиран од Европската Унија, а спроведен преку Светска Банка. Со поддршка од Светска Банка се реконструираа и улиците „Римска“, „Атинска“, „Карпошово востание“ и „Варшавска“.

 

Затоа што Општината беше корисник на средства во повеќе наврати, градоначалникот Стефан Богоев денеска присуствуваше на завршниот настан за реализација на проекти финансирани од ЕУ ИПА грантот за рурална инфраструктура, во Клубот за пратеници.

 

На настанот присуствуваа градоначалници од повеќе општини, а свое обраќање имаше и Зоран Заев, Премиер на Република Северна Македонија, Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје и Марко Мантованели, претставник за Косово и Република Северна Македонија во Европа и Централна Азија на Светска Банка.

Сите говорници ја истакнаа важноста од поголема поддршка на општините во различни сегменти од општественото живеење.

 

Во Карпош, во тек на реализација е и проектот за изведба на Спортско – Адреналинскиот парк (од вештачката карпа до бунарите на р.Лепенец), каде што Општината повторно е корисник на грант од Светска Банка, откако претходно Секторот за развој го подготви проектот.

 

Општина Карпош продолжува интензивно да работи на подготовка на апликации за добивање на средства од меѓународни институции. На овој начин, придонесуваме во заштеда на буџетски средства (пари на граѓаните), имајќи предвид дека оваа единица на локална самоуправа е меѓу најзадолжените во нашата држава.