ПОВЕЌЕ САНКЦИИ И ТЕРЕНСКО ПРИСУСТВО НА ПОЛИЦИЈАТА ЗА ПОБЕЗБЕДЕН КАРПОШ

 

Безбедноста во Општина Карпош, трките по бул. „Партизански одреди“, уништувањето на урбаната опрема и капацитетите на Полициската станица Карпош беа повод за посетата на Карпош на Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

 

За таа цел претходеше работна средба меѓу градоначалникот Стефан Богоев и министерот Спасовски, а се одржа и седница со Локалниот совет за превенција на која се зборуваше за  актуелните случувања поврзани со безбедноста во Карпош.

 

Градоначалникот Богоев го информираше министерот за зголеменото уништување на урбаната опрема на јавните површини (клупите и корпи за отпадоци) и за фактот што локалната самоуправа постојано испраќа пријави до Полициската станица Карпош и бара  санкции за сторителите и почести патроли за превенирање на овие појави.

Во изминатиот период, Општината донираше и возило за потребите на ПС Карпош, со цел да се зголеми мобилноста и присуството на терен на полициските службеници.

 

Спасовски посочи дека на територија на Градот Скопје наскоро ќе започнат да работат 350 нови полициски службеници, а мобилни ќе бидат и нови 12 нови полициски возила. Дополнително, се интензивираат патролите на бул. „Партизански одреди“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ со цел да се спречат трките долж булеварите.

Новиот Закон за безбедност во патниот сообраќај, кој би требало да се донесе во  текот на годината, предвидува трајно да се справиме со овој горлив проблем, рече министерот Спасовски.

 

На средбата со Локалниот совет за превенција, кое претставува меѓуинституционалното тело за мапирање на покритичните безбедносни точки на локално ниво, членовите на ова тело имаа можност директно да дискутираат со министерот да ги посочат нивните согледувања околу безбедносните проблеми и патем да добијат соодветни одговори од министерот Спасовски и градоначалникот Богоев.

Меѓудругото, се разговараше и за загадувањето долж Кејот на реката Вардар, а јакнењето на капацитетите на МВР во човечки ресурси ќе придонесе за зголемена присутност на полицијата долж овој потег и спречување на дополнително аерозагадување за време на есенскиот и зимски период, санкционирање на загадувачите (физички и правни лица).

 

Во Општина Карпош во населбите веќе делуваат десет тима на позорникари, кои работат во смени, во различни делови на локалната заедница.

Сите присутни на Втората седница на Локалниот совет за превенција се согласија дека секој носи одговорност во создавањето на побезбедни населби, односно безбедноста не е само полицијата, туку и граѓаните и сите останати жители. Затоа продолжува меѓуинституционалната соработка и поддршка за да се обезбедат мирни населби, преку постојаните средби со граѓаните и граѓанските организации.