„ЖИВЕЈ БЕЗБЕДНО“ ВО СЕКОЕ МААЛО

 

      Во ТЦ „Скопје Сити Мол“ денеска се одржа првиот Саем за безбедност, во организација на СВР Скопје – Одделение за превенција и Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување. На овој саем учествуваа повеќе агенции за обезбедување и осигурување.

 

„Превенција од имотни деликти - „Живеј безбедно““ е мотото под кое започнува кампањата на СВР Скопје, а се однесува на мапирање на покритичните локации во општините, каде што се нарушува јавниот ред и мир или има зголемено ниво на кражби.

 Уште од ланската година, токму во Општина Карпош се организираа маалски средби – патроли, каде што градоначалникот Стефан Богоев, заедно со претставници од СВР Скопје и ПС Карпош, разговараа со граѓаните на прашања од областа на локалната безбедност.

 

Овие средби ќе се интензивираат и во претстојниот период, а Богоев говореше за искуствата од мината година.

-Повторно ќе ставиме акцент на сите населби, на детектирање на таканаречените „црни точки“ и ќе побараме поголемо присуство на полицијата на одредени места.  Во изминатиот период бевме соочени со поголемо уништување на урбаната опрема, како и со кражба на зеленило. Исто така, конечното сузбивање на трките на „Партизански одреди“ мора да биде еден од приоритетите во решавањето на овој горечки проблем, а во прилог на безбедноста на граѓаните, рече Богоев.

На настанот се обрати и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој ја напомена важноста од преземање на превентивни мерки и активности за да спречиме различни прекршоци, девијантни појави и сл.