ЈУБИЛЕЈ – 15 ГОДИНИ ФОЛКЛОРНО СТУДИО „ЕТНОС“

 На големата сцена во Македонската опера и балет се одбележа јубилејот, 15 години фолклорно студио „ЕТНОС“. Станува збор за фолклорно студио кое активно работи и функционира на територија на Карпош, а во повеќе наврати учествувале на културни манифестации на локалната самоуправа. Токму минатата година, играорците од „ЕТНОС“ беа дел од етно вечерта на „Карпошово културно лето“.

Пред полната сала, вчеравечер се обрати и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој го честиташе јубилејот на „ЕТНОС“ и им посака уште многу успеси и подвизи во афирмација на македонскиот фолклор и култура.

-                    Јубилеите се добра причина да прославиме, но и да се потсетиме на сработеното. Да добиеме претстава во која насока се движиме, што треба да промениме, да додадеме или одземеме. Јас, на вас не би ви одземал ништо, а од срце ќе ви посакам уште многу вакви настани и јубилеи.  Да сјаете на домашната, но и на меѓународната сцена. Играорците да зрачат со својата насмевка, а учителите да бидат горди на постигнатите успеси, рече Богоев. 

Општина Карпош беше еден од покровителите на овој јубилеј, а во своето обраќање Богоев се осврна и на општествената одговорност која ја покажува ова студио. Воочливо е дека младите играорци, покрај својата примарна работа – фолклорот, активни се и учествуваат и во повеќе хуманитарни активности и настани. На овој начин даваат свој придонес и прават добро за заедницата и целиот колективитет.

Локалната самоуправа и во претстојниот период ќе ја унапредува соработката со „ЕТНОС“, но и со другите културни друштва, ансамбли кои имаат за цел да го збогатат културниот живот во нашата средина.