И „ДИМО ХАЏИ ДИМОВ ДОБИ СЕНЗОРНА СОБА ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

 Денеска, како резултат на успешната соработка меѓу Општина Карпош и здружението на граѓани „Дајте ни крилја“ отворена е нова сензорна соба - ресурсна просторија за учениците со посебни потреби во просториите на ООУ „Димо Хаџи Димов“, во Влае.

Оваа сензорна соба има за цел да го олесни воспитно – образовниот процес на учениците со попреченост, во моментите додека ја следат наставата.

Просторијата е опремена со посебни реквизити, сензорно осветлување, дидактички материјали (играчки, коцки и сложувалки), таблет, телевизор и др.

Градоначалникот Стефан Богоев посочи дека на овој начин се покажува дека е можна вистинска соработка меѓу локалната самоуправа и граѓанските организации.

 

-        Како што напоменав пред неколку денови, нашата цел е 365 дена во годината да водиме грижа за лицата со попреченост и да ги подобруваме условите во кои претстојуваат и се образуваат. Во април склучивме Меморандум за соработка со здружението „Дајте ни крилја“, а денеска ја активираме оваа просторија, која на вистински начин ќе им помогне на учениците со попреченост од ова училиште, рече Богоев.

 

Пред присутните се обрати и претседателката на здружението „Дајте ни крилја“, Ребека Јанковска Ристески, која во изминатиот период несебично се вложи за создавањето на оваа сензорна соба.

Таа се заблагодари и на сите други општествено одговорни субјекти кои помогнаа во опремувањето на просторијата, меѓу кои е  интернационалното училиште „НОВА“ – Скопје, со седиште во Општина Карпош.

Присутните се согласија овој проект за отворање на сензорни соби да продолжи и во иднина. Ваква соба неодамна беше отворена и во ООУ „Јан Амос Коменски“, а следно училиште кое ќе добие ваков тип на просторија, која ќе биде трета по ред, е  ООУ „Владо Тасевски“, во Козле.